Улица „Питулица“, број стој
Сакам честитка.
Сакам пакетче.
Сакам снег.
Но, не толку колку што сакам да се врати времето кога новогодишната честитка оставена под клупа имаше вредност.
Кога со неа се учевме како треба да му посакаш убавини на другиот.
Се учевме дека треба да се посака.
За да ти се врати.
Макар под клупа.
Не беше којзнае колку, за евтини пари ја земавме. Буџет си одвојувавме за тоа време од годината за да изнакупиме за цел клас и поширокото семејство. И онака се троши за Нова година. Но, барем знаевме дека ќе бидеме најрадосни со потрошеното. Изнапишувани. Повеќе го вежбавме ракописот на тоа мало просторче зад сликата, отколку во домашните работи. Таа ни беше парче хартија во која беа собрани многуте предмети кои ги изучувавме на училиште. Тука можеш да нѐ оцениш колку сме писмени, како умееме да нацртаме и набоиме секаков вид на снегулка, минијатурна елкичка, импровизиран подарок, па дури и Дедовците Снешко и Мраз.
Енциклопедија ни претставуваше честитката.
Во неа го менувавме целиот систем на живеење. Си го менувавме името од целосно во нагалено и си-те живеевме на улица „Питулица“, број стој. Како ли нѐ собираше во таа уличка од тесто, не знам. Поштарот кој ни ги пренесуваше пратките беше нечесен и ни ја земаше марката. Но, битно стигнуваше на вистинското место. Она место под масичката од училиште кое во тоа време од годината мораше да биде чисто, да не се става ни ранецот таму, а камо ли остатоците од ужинката од одморите. Гредата да биде исчистена од сите трошки, од истурените сокчиња, од остатоците од наострен молив и храна, а блокот да си го сместиш на друго место, бидејќи тоа божемно сандаче мора да ги има сите пропишани стандарди за да може тука да стигнат сите желби од соучениците.
Да, со честитката си го менувавме системот на живеење.
Тогаш бевме најуредните граѓани во Републиката.
Највеселите.
И секој по заслугата, секако. Постоеја повеќе видови и форми на таквиот предмет за честитање. Колку поомилена личност - толку побогата честитка. За наставничката питуличестата улица нема да се напише, ракописот ќе се подобри, а честитката ќе биде сосема пристојна, без неидна шарена снегулка и со сосема пристојна слика. Со најдотераниот Дедо Мраз, секако! Додека оние за братучетките, тетките, вујковците, стрините, чичковците, непознатите другарчиња, омилените сосетчиња, таа треба да биде со отворање, со „три-де“ слика, да има посебни светлосни ефекти, музичка позадина од Џингл Белс, а пораката за среќна Нова да биде потпишана од целото семејство. И сето тоа официјализирано со пратка преку пошта - ама со чесен поштар... и со марка.
И стигната пред најлудата ноќ.
Сакам да се врати времето со честитките.
Кога таа претставуваше хартија од вредност.
Кога немаше „копи-пасте“, туку препишување.
Препишување радост, креативност, среќа.
На божиќен дух.
Препишувавме добра душа, онаа што посакува желби.
Кога сите посакувавме другиот да има одличен успех.
Кога знаеш дека некој одвоил време да напише, да одбере честитка и да дојде до тебе за ти да се израдуваш.
Со неа бевме подобри луѓе.
Со пакетчето не толку најадени, колку израдувани.
Со смоките, лижавчињата, по некое чоколатце, а и овошје.
Па, и играчка добивавме.
Но, без честитка не поминувавме.
Целото новогодишно богатство под елката си го редевме.
Сакам снег.
Сакам честитка.
Пратена од подобрени луѓе.
Доволна е за оваа година...
Среќна Нова година, мои драги читатели!
Поубави, поначитани, повесели, поздрави, позаљубени.
Тоа ви го посакува вашата Писателка од Лозана,
* Марија Лозаноска *
30.12.2013, понеделник