Машкоста не ми дава
Можам да бидам сѐ што сакаш ти.
Машкоста не ми дава.
Јас сум силен, не сум предодреден да внимавам на зборови и на секакви измислени нежности. Можам само на машкоста да внимавам. Не се обидувај да ме промениш, ќе си останам ваков. Ако не ме прифаќаш, оди си со време.
Создавај иднина со друг.
Имав девојка која цело време ми плачеше, ме напнуваше, не можев да ја поднесам. А, од друга страна, ми одеше по ќефот. Убава беше, не велам не, ама секогаш има поубави. Колку се понедостапни и туѓи, толку посладок десерт ми се. Не ми претставуваше таа пречка за да си каснам од благцето.
Се зашеќерував до лудило. Таа ме чекаше, а јас ја лажев. Ме фаќаше жал некогаш за неа, но убаво си ми е во таква кожа. Себичник, како да сум сам на светов. Жени еден куп. Која сакам можам да ја имам. Да си ги одбирам како бостанчиња. И никогаш не ми се доволно. Која од која послатка, позрела.
Цела машкост на светов мислам во мене се збрала.
Ја оставив мизерно. Постапив крајно неодговорно со неа. Си признавам. Можеби женските кола-чиња ми удрија во главата премногу. Си го билдав егото немислејќи на другите. И денес не мислам. Само на машкоста внимавам. Ја вежбам. Си правам штит од жените. Па, и од тебе.
Можеби можам да те сакам, ама машкоста не ми дава.
Често се сеќавам на неа. Ми доаѓа сликата кога ме молеше со солзи во очите. Не ми прилегаше и сѐ уште не ми прилега да паднам на такви драми. Јас бев со друга, а таа упорно ми ѕвонеше за да ми посака убав сон. Си се насладував, не бев ни блиску за кажување добра ноќ, допрва ми почнуваше. Сакаше само да ме слушне, да се увери дали сум добро, дали сум ги исполнил очекувањата од денот. А, јас бев и повеќе од добро. Бев со нечие чоколатце, украдено од којзнае кој заљубен тип. Некој простак што се подал на жена. И таа до мене беше безобразна колку и јас. И нејзе телефонот ѝ ѕвонеше. Но, таа женско како женско, ќе се јавеше и ќе се преправаше дека спие, дека наводно ја разбудил. Јас ни тоа не го правев, јас бев маж. Нека трпи, нека плаче!
А, длабоко во себе знаев дека не треба така. Знаев дека треба да одам дома и да отспијам како човек, да пораснам.
Но, машкоста не ми даваше.
Не сакам да биде така и со тебе. Јас нема да се сменам, а ти можеш да избегаш од мене. Ти си посебна девојка, но и претходната вредеше. Не е до вас, до мене е. Не сум ја сфатил машкоста очигледно. Си ја претворив во дрога. Самопрогласен женкар. Мета на упорните девојки за тоа која побрзо ќе ме смири и ќе ме припитоми. Никогаш нема да бидам принцот, туку само коњот. Светот ќе биде подобро место за живеење без вакви како мене.
Ќе те лажам, наместо да те бакнувам. Тоа го прочитале сите некаде, го знаат.
И да те женам, нема да бидеш среќна невеста. Јас се верив со машкоста. Таа и ти не одите во пар. Секогаш ќе те заменувам со друга. Ти ќе плачеш мислејќи дека не вредиш.
А, вредиш, и тоа многу! Запомни го ова, моја убава девојко.
Јас сум тој кој не знае да сака, да почитува.
Поради вакви како мене, многу вистински мажи се расипале. Нивните девојки сум ги оставал и целиот гнев им го припишуваат нив, мене не можат да ме стигнат, да ме најдат. Како кукавица бегам откако ќе оставам. Ќе речат дека сите жени се исти, но не. Многу од нив биле со ист расипник кој ги повредил - оној кој наместо љубовта и разбирањето ја негувал машкоста.
Многу погрешната машкост.
Ти можеш да си одиш од мене. Така нема да го изгубиш оној кој ќе знае да те цени. Во мене гледаш само убав лик, но јас сум трул одвнатре, отровно јаболко сум јас. Оди додека не си ја расипала својата иднина со оној што ќе знае како да те љуби. Оди пред да му го изнесеш сиот гнев кон мене нему. Јас ќе си заминам порано или подоцна. Ќе прераснам во старец кој ќе биде сам и покрај жена до себе. Ќе земам некоја ради редот. Да ме догледа и да ми роди деца.
Знаеш дека јас се верив со машкоста.
Но, таа не ми дава ни да ја омажам.
Чунки, арен маж на зборот не стои.
Машкоста не му дава.
Марија Лозаноска
28.10.2013, понеделник