Како си, дали денес ме сакаш?
Го знаев одамна. Бевме мали, палав-ковци од нашето маало. Тој каубоец, јас засрамена принцеза. Пред него нема, зад него заљубена. Цел живот го сакав.
А, немавме ни здраво.
Често минував покрај неговата куќа. Го знаев напамет секое посадено цвеќе од мајка му. Улицата ми беше отпатна, но сѐ правев барем еднаш да го видам во денот. Изгледав како некоја будала, непоправлив манијак.
Го обвинував него.
Зошто мораше да биде совршениот?
Тој секогаш ги имаше најубавите девојки. Најпознатите другари. Најскапите коли. Јас бев само едно ништо. Обичен инсект кој кружи околу него. Со кнедлата во грлото во негова близина.
Не ми беше тој виновен. Тој не знаеше ни дека постојам. Не знам колку „Здраво!“, „Како си, дали си добар?“ ми заглавиле во срцето. Да направам барем еден чекор, инаку од каде ли ќе знам на што сум го потрошила животчето?
Зборни, заљубена будало, не е криминал!
Поминаа години, јас се отселив. Животот поминуваше, станував позрела. Само во љубовта останав неписмена. Никогаш не знаев кои зборови кога треба да се кажат. Па, и што треба да се очекува од мене која цел живот го поминав немо пред љубовта од соседството? На оној само чекор од мене.
Често се сеќавав на него, но ликот бледнееше.
Жалев за добарденот што му го немав, за можните шанси.
Никогаш не го прашав како е.
Никогаш.
Од толку мислења останаа само сеќавањата. Колку сум се трошела на тоа: кој што ќе рече, дали јас ќе речам. Кај мене се всели само тишината. Не од страв, туку од рамнодушност. Ги закопав добардените кон него. Молчев кон секаква љубов. Нека ме сакаат тие.
Јас и онака никогаш не сум била по прашувањето како си.
Таму стоеше тој. После толку време. Повторно имаше цвеќе кај него, но овојпат во рацете. Јас не поминав отпатна уличка за да го видам. Нашите патишта се споија. И сѐ уште беше најубавото момче. Но, јас престанав да бидам ништо. Израснав во девојка за почит. Не му прозборев. Повторно не му посакав убав ден. Не го прашав како е. Ни тој не ми рече ништо. Ми го подаде цвеќето немо.
Без да праша дали го сакам цвеќето.
Без да праша дали него сѐ уште го сакам.
Имав цела вечност да го прашувам сѐ она што не успеав. Но, не.
Ние се љубевме немо, без зборови, без кавга, без маани. Се разбиравме со поглед.
Видов дека што е мое ќе си дојде.
Без да кажам.
Повторно бев истото немо девојче од соседството. Повторно не му кажував колку го љубам.
Но, не и тој.
За разлика од мене, тој не сакаше да ме испушти. Сакаше да го пополни она што го пропуштил со мене. Оттогаш ме поздравуваше само тој. Ме будеше секое утро со еден ист поздрав:
-Како си, дали денес ме сакаш?...
Марија Лозаноска
21.10.2013, понеделник