Ако Пепелашка живееше денес...
Полноќ е.
Сказалките се бакнуваат.
А, Пепелашка допрва ќе излегува. До сабајле.
Тоа е онаа девојка која има многу чевли, ја знам. Не може да си ги најде никогаш кога се спрема за в град, не знае каде ѝ се. Дека ѝ е растурено, затоа. Ако ги најдеше, ќе си ја облечеше првата комбинација и немаше да векува цел ден пред гардеробер.
Не ги губеше засекогаш.
Но, ни Принцот не ѝ ги наоѓаше.
Туку мајка ѝ. Средуваше по неа. Од фраерлук немаше време да среди.
Не ѝ е лесно да живее во новиот век. Многу тој бара од неа.
А, тежок е животот фраерски.
Пепелашка никогаш немаше пепел на неа. Ни прашина. Ни лоши полусестри. Ни злобна маќеа. Таа е дама со крената глава. Не дозволуваше да падне никаква нечистотија врз неа. Таа само ќе ја истресеше негативната енергија од себе, ќе станеше, ќе се исправеше, ќе излезеше надвор, ќе завршеше факултет и ќе си најдеше работа. Не, последново не ѝ го среди вилата, си имаше врски. Јавна тајна, голема работа. Да го имаш тоа во денешницата е бетер од волшебното стапче на добрата самовила. Си ги наоѓаше и добрите контакти, си умееше. Цигарче си немаше запалено сама, секогаш се наоѓаше по некој стокмен маж да ѝ ја понуди запалката.
Да ѝ понуди кошница од лаги и куќа од лажни ветувања.
Таа ги користеше предностите од новиот милениум. Од времето без предрасуди. Од времето со извртени вредности. Во она кое можеш и во евтино да изгледаш богато. И без ум да звучиш паметно. И без школо да имаш висока позиција. Да имаш злоба околу себе, а ти да изгледаш најдобар. Да плачеш цела ноќ, а шминката да ти ги покрие трагите. Да ти нацрта насмевка.
Пепелашка го знаеше сето тоа.
Го применуваше.
И затоа не се потресуваше поради разликите помеѓу луѓето. Денес си валкан, утре ќе се испереш. Дали со машината или со парите. Со нив ќе си купиш слава и убав збор. Ќе се дотераш, ќе изгледаш светски.
Затоа што денес нема сиромашно.
Денес има шуто и рогато.
Искрено и вредно.
Неписмено и лигаво.
Денес има Пепелашки без принцеви.
Таа секој ден се потсетуваше колку вреди. Не чекаше од другите да ѝ го кажат тоа. Луѓето ги гледаше како огледала, затоа што во тоа стакло можеш да го видиш само она што си. Само ако имаш почит во себе ќе ја добиеш од другите, ќе се рефлектира.
Да, ја знам таа девојка. Се бори со маќеата од живот. Со полудругарите и полудругарките. Со оние кои само на збор се добри, а зад грб ти ги земаат сите принцеви. Ти ги оставаат само коњите. Валканите, без педигре, оние кои длабоко во душата се зебри. Магариња во скапи пижами.
Ако Пепелашка живееше денес, ќе се бореше за таквото место во општеството. Во кое се скита до сабајле, каде не е срамота да си неуреден, каде незаслуженото место може лесно да се добие, а чувствата ти се исклучени од секаква љубов. Денес изгуби се себеси, нормално е, а не штикличката. Ако ја имаш среќата, принцот пак ќе те најде.
Принцот кој денес не значи успех.
Одамна на негово место се парите, славата, вештачката убавина.
Пепелашка е онаа девојка која, без разлика на векот во кој живее, го добива она што е вредно токму тогаш.
Да, ја знам таа девојка.
Таквата девојка ја нарекувам Пепелашка.
Марија Лозаноска
11.11.2013, понеделник