Не ми е лесно, мила
Се распаѓам.
Но, ти не можеш да видиш.
Ниту да слушнеш.
Силен сум, барем тоа сакам да видиш.
Сакав да продолжам да функционирам без тебе.
Со друга. Исто како со тебе.
Избрзав.
Згрсшив.
Пропаднав.
Со неа останав.
Лажејќи ја.
Лажејќи те.
Лажејќи се.
Не ми е лесно, мила.
Мислев заљубен сум во неа. А, колку не сум. Ми помина еуфоријата, ја изнашетав насекаде, ја покажав на светот. Всушност сакав да покажам колку не ми е гајле за тебе, дека ти си оставената, а не јас. Сакав да ти покажам дека си лесно заменлива, дека некоја друга е многу подобар кандидат за местото до мене. Одбрав погрда, одбрав понеквалиетна, ја одбрав спротивната од тебе. Само за да те понижам, да ти ја покажам вистинската вредност.
Избрзав.
Избрзав.
Избрзав.
Премногу избрзав. Со тебе, со неа, со времето. Сакав промени во животот, а не сфаќав дека јас сум тој што требаше да се промени кон тебе. Ако се подобрев, ќе ја извадев подобрата од тебе. Заборавив како таа изгледа. Те претворив во напната, нежелна, нељубена, очајна, мизерна, плачлива, осамена. А, те чував толку многу порано. Обожавав да те љубам, а после обожавав да те губам.
Избрзав, тоа е одговорот.
Сега се наоѓам во некој меѓупростор. Заглавен меѓу нејзината прегратка и мислите кон тебе. Правам разлика, си велам: Таа не правеше вака, таа ќе ме искараше, таа ќе ме пофалеше. Ќе ми речеше кој ми мисли добро, кој не. Новава само молчи и ме слуша. Тоа не е добро. Не знам уште колку работи не се добри од новава ситуација. Мене не ми е добро, но знам да глумам. Знам да ги искористам истите работи што ти ги кажував тебе. Знам колку ти беше убаво слушајќи ги. Истите ги правам со неа мислејќи дека разговарам со тебе.
Но, таа не е ти.
Никоја нема да биде.
Згрешив, избрзав и сега не ми е лесно.
Љубењето со тебе беше лесно. Лесно се бакнуваше, лесно се разбиравме, ние бевме пар од соништата. Лесен ми беше животот со тебе.
Лесно те лажев. Лесно најдов друга. Лесно ми беше да се гледам со другата затоа што ми веруваше.
Лесно после тоа си отиде од мене, како да не сум постоел за тебе.
Само тоа не ми беше лесно.
Оттогаш ми е најтешко.
Сега живеам во затворот со неа мислејќи дека продолжив со животот.
Ти сега ќе уживаш во слободата и мудро ќе чекаш да ти дојде вистинскиот.
Ти беше мојата мудрица.
Јас бев твојот идиот.
Заслужив да не ми е лесно, мила.
Заслужив.
Марија Лозаноска
2.5.2016, понеделник