Нели ќе останеше и остареше со мене?
Се сеќавам на сите ветени зборови. Се сеќавам на сите спуштени ѕвезди. Сѐ уште ми светат пред очите. Не знам дали бев будала или уште сум. Верував, се надевав, простував. И ништо не добивав. Од спомени не се живее, а надежите и сништата ме болат. Многу болат. Посебно кон оној кој знам дека никогаш нема да се смени. Посебно ме боли оној кој ми вети и бев сигурна во тоа - дека ќе останеше и остареше со мене.
Не се плашам толку од старост колку што се плашам од осаменост, од нељубеност. Дека ќе останам цел живот покрај љубов без љубов. Ќе сака секој наоколу, но дали ќе биде кон мене насочена таа љубов? Дали од збрчканите очи ќе гледам реалност која сум ја заслужила? Зошто би била токму таа личност - остарена и оставена.
Секогаш се замислував во паркот, јас и ти, шетаме. Ме караш дека трапаво одам, дека не ме држат овие стари нозе. Ќе ми викаш како не сум го погодила вчерашниот зелник, а внуците ни дошле на гости, дека не сум домаќинка каква што се правам. Ќе ми викаш цел пат со намирниците в раце како не сум ти ги купила апчињата, а ти пустиот од инает не погледнуваш во кесичето дека веќе сум го направила тоа. Ќе пцуеш по пропуштениот автобус и лут ќе ме втурнеш под постојката за да не наврнам, за да не бидам истуркана од другите. Ќе бев изнавикана старичка, но изначувана. Изнасакана. Изнаљубена. Ќе бев убава и млада пред тебе, затоа што ти секогаш ќе ми ја сакаше душата, а не кожата што со годините ќе се туткаше, не косата која постепено ќе обелуваше, не телото кое ќе ми се опушташе, не успехот кој ќе се заборавеше.
И денес шетам во паркот. Не сум толку стара, а млада сум во срцево кое не созреа со љубовта. Гледам стари парови кои се лутат, викаат, молчат, се подржуваат и почекуваат по патот. Што ако јас и ти бевме тие? Што ако разговаравме без викање како што правевме во младите години? Што ако разговаравме како зрели луѓе?
Замислувам разговори, замислувам љубов, замислувам поддршка:
„-Ќе ме сакаш и кога ќе бидам збрчкана баба?
-Ех, тогаш и јас ќе бидам дедо. Ако ме држат коските ќе можам само да те покријам со ќебете да не ти е ладно, да ти дадам апче против старост и да те држам за рака за да не паднеш во паркот.
-А, тоа љубов ли е?
-Не, тоа ќе биде исполнување на желба.
-На која?
-Да го поминам целиот живот со тебе.“
Марија Лозаноска
11.2.2015, среда