Здраво, се викам Лоша Користољубива
Велиш, сакаш да се запознаеме, а веќе си слушнал за мене. Сакаш да кажеш дека не им веруваш? Веќе ми ставиле етикета, а ти сакаш да ме одетикетираш? Не, ти сакаш само да бидеш сигурен дека сум таква. Тогаш ајде, несигурнику, да се запознаеме.
Здраво, јас сум Лоша Користољубива.
Не се задржувај за имево, можеш да ме слушнеш и под друг псевдоним, прекар, нагалена пцовка или заменка. Најчесто сум Еј Онаа, како да им е гнас да ми го изговорат името. Сакаат да ме викаат Бич, но не дека сум плажа на англиски. Обожаваат да ме нагалуваат во Смотанка и Глупичка, а со нив оди често и именката за дами кои работат во најпознатата женска куќа без фискални сметки. Дама никогаш не сум била именувана, но Онаа со Бундите, Онаа со Богаташите и Онаа со Златото ми е често кумство. Жал ми е само за моето име, најретко ми е користено.
Јас се викам само Лоша Користољубива.
Мило ми е.
Навикнав на таквиот живот, не се жалам. Пред народот сум богата, со незнаен и неброен имот и сомнително стекнат. Секогаш околината е зачудена и завидливо настроена кога блескаво се смеам, кога среќно изгледам или кога успеси редам. А, и не можам да се заморувам со нивните претпоставки, се концентрирам само кон она и оние што ми се по мој вкус. Еве, на пример, како ти. Колку љубезно ме праша како се викам. Колку ненаметливо сакаш да дознаеш зошто сум Лоша Користољубива и навистина фино е што тоа го правиш во прво лице отколку индиректно преку други. Тоа го почитувам, тоа го сакам.
Ама, ако. И за тебе се викам Лоша Користољубива.
Не биди како останатите, секогаш прашај што му е на човека. Дури и да имаш задни намери, пак прашај, пофер е. Ако сакаш да ме искористиш, слободно повели, со тоа само ме ојачуваш. Со тоа ќе научам како да се борам против таквите, ќе ми направиш услуга. Ако ти ме користиш, и јас ќе те искористам. Но, не за да те повредам, туку себеси да се заштитам. Ќе те искористам за да ѕирнам како функционираат подмолните луѓе и на каков начин успеваат. Ќе видам зошто тие се’ повеќе имале кога јас се’ повеќе сум немала. Зошто сум немала ништо кога сум се викала Добра Добронамерна. Да, несигурнику, тоа е моето вистинско име. Лоша Користољубива го користам како псевдоним, го користам против хакери за да не ми ја нападнат мојата приватност. Решив пред сите да бидам Лоша Користољубива и да бидам таа која ќе одредува кој каков е. Доста ми беше од секакви тестови пред луѓето! Нервите ми паднаа пред секаков испит бидејќи не знаев како да учам за да останам среќна. Најдобро било на ваков начин. Сега сум дипломирана. Учам за магистерска, спремам и докторат. Скришно, под туѓо име, исто како да творам во времето на војните. Учам за да останам среќна, а како треба да бидам веќе одамна знам.
И не кажувај дека се викам Добра Добронамерна!
Пст, да не слушне народот...
Не се грижи ако си од тие добрите, јас си доаѓам на своето. После викај ме слободно онака како што ми е правилно. Не можеш да ме излажеш, бидејќи нема веднаш да ме откриеш. Отсега јас сум професорот, јас поставувам тестови и веќе знам како да сфатам каков си. Ако потфрлиш, пак ќе сум Лоша за тебе. Но, тогаш нема повеќе да ми се обраќаш мене, понатаму во животот нема да постои оваа личност. Ќе ти бидам само обичен лик меѓу народот. Ниту Лоша ниту Добра. Една Безименка Незнајна.
Само ти ќе одредиш кое име ќе биде за тебе.
Не се труди да дознаеш од каде го стекнав богатството. Ниту зошто ме викаат така како што ме викаат. Не се плашам од етикетите, се плашам да останам несреќна. Другите нема да ми ги решат проблемите ако ме наречат Добра. Мојот партнер нема да има повеќе љубов и разбирање кон мене ако ме именуваат Чесна и Верна. Парите нема да се зголемат ако сум за сите Работливата или да ми се накачи кариеарата ако сум Талентираната. Со кое име нека сакаат да ме довикуваат, дофрлаат или запишуваат! За оние кои ме знаат, разбираат, сакаат и поддржуваат секогаш ќе бидам со едно и единствено име.
Нека ме викаат и Злобна, нека ме викаат и Одвратна.
Јас ќе сум среќна се’ додека пред другите се викам Лоша Користољубива.
Марија Лозаноска
28.11.2014, петок