Љубам ли погрешно?
Ги прокоцкав ли сите шанси? Ги испуштив ли сите оние кои вистински ме сакаа и кои можеби ќе го извадеа најдоброто од мене? Погрешно ли постапував? Правам ли и сега нешто погрешно? Љубам ли погрешно?
Некогаш ја знаев дефиницијата за љубов и врски и одев по неа. Ја собирав од себе и своето искуство, ја собирав од другите и нивните искуства. Имаше правила кои секој требаше да ги знае и почитува. Ако ти е скршено срцето - скрши ја врската, скрши го партнерот. Правилата и срцето не смеат да бидат скршени. Но, јас бев сè повеќе скршена. Дали правилото ме скрши мене кога тоа и го правев на врската? Дали додека го кршев партнерот мене ми се цепеше секое делче? Кога удираш и тебе те боли, внимавај што правиш... Тоа го сфатив!
Теоричар сум, непоправлив. Искуството ми кажуваше поинаку, но сакам пред судот од околината јас да бидам праведната. Ако отиде со друга - тој за мене не постои; ако ми подвикне - тој е лошиот; ако не ми честита роденден, годишнина, месечнина - не ме сака; ако излегува со другарите - излегува со друга. Се држев до овие и мал милион други правила. Можеби бев во врска со мојата суета, гордост, инает и одважност. Никогаш не навлегував во суштината на проблемот и никогаш не сметав дека јас сум виновна. Можеби не бев виновна, но никогаш не се ставав дури ни во позиција дека можеби јас нешто сум згрешила. Не се гледав во огледало за да видам што правам, не се снимав со скриена камера за да видам како реагирам, не се ставав во позиција на грешник. За мене не постоеше такво место во општеството. Но, тоа не бев јас. Тоа го правеше суетната, инаетливата, гордата. Во љубовта тоа не постои.
Бев опсипувана со внимание. Бев слушана и послушувана. Водев инает и секогаш победував. Бев сакана, бев оној партнер кој е повеќе сакан од другиот. И јас сакав, не велам не, но не подлегнував под грешките што доведуваат до понизност. Денес сфаќам дека ако тој не ме сакаше толку многу, немаше воопшто да бидеме заедно. Признавам јавно и отворено. Кога гледам наназад, јасно ми е дека јас бев девојка која не сакаше да прифати компромиси. Јас бев онаа која сакаше сè да биде педесет-педесет, пола-пола, фифти-фифти. Однесувај се добро кон мене за и јас да се однесувам добро кон тебе.
Тој не ми беше деловен партнер! Тој не ми беше работодавач мене! Тој не ми беше колега! Со него не требаше да се однесувам официјално! Не сфаќав дека и тој сакаше да добива внимание од мене како што и јас барав да добивам внимание од него. Не сфаќав дека и тој некогаш сакаше да биде инаетливиот, суетниот и гордиот. Гледав само за себе. Бев и себична. Бев себична и во добро и во лошо, не оставав тој да биде некогаш лошиот. А, кога стануваше таков, врската за нас веќе не постоеше. Не сум се ставала никогаш во негова позиција, бидејќи за да ја смириш топката не смееш да бидеш ни горд, ни суетен, ни себичен, туку по малку понизен, малку понижен и по малку „најдолен". Треба да научиш да се жртвуваш во врската за да ја сочуваш љубовта. Не знаев да љубам, затоа и останав без љубовта.
Сега веќе не знам никаква дефиниција за љубовта и врските. Дури и онаа што ја знаев ја заборавив. Можеби вредела, да. Можеби ќе успеев да го задржам оној што вредел или барем ќе сум ја запаметела таа љубов. Но, сите тие заминале. Сега имам друг, сега имам некој кој знам дека вреди повеќе. Претходните биле исти како дефиницијата - да вределе ќе останеле. Да вредело никакво правило немало ни да ја растури врската ниту да ја зајакне. Љубовта или постои или не постои, или е голема или никаква. Треба само да му кажам дека го сакам, треба да разговарам, треба да го поддржам во сè што прави. Да не го ограничувам и напнувам. Да се однесувам со него како да е мојата нова љубов, како сè да е ново за нас. Да му подарам внимание, нежност, страст, бакнежи, смеа, стабилност - не да му подарам правила. Правилата можат да се скршат, а она што се чувствува не може никој да го раздели.
Мораше да поминам низ период на теорија за да дојдам до практиката. Љубев погрешно, но можеби тоа било заради погрешни луѓе. Никој не ми покажал како треба. Можеби ним не сум им значела толку многу за да ме поправат. Можеби не биле толку силни за да ми ја распарчат суетата што се закотвила во мене. Но, денес, вистинската љубов успеа во тоа. Вистинскиот човек ме омекна. Ми покажа дека вистинскиот човек не можеш никогаш погрешно да го љубиш.
Марија Лозаноска
- објавено во списанието Комплетна, 2011