Венко Андоновски за „Големото Л“
ДЕТЕ ВО СВЕТОТ НА СЛАВНИТЕ
Младата Марија Лозаноска ни нуди интересно литературно деби, под наслов Големото Л. Тоа е жанровски модификуван роман, со интержанровски уфрлувања на поезија (песни меѓу главите на романот). Станува збор за дело со кое младата писателка амбициозно зачекорува на книжевната сцена, покажувајќи се рамноправно како солиден поет, но и како прозаист со смисла за развивање приказна.
Една млада и славна музичка ѕвезда, Сара Левски, е измамена и прелажана: верувајќи во вистинската љубов, таа доживува токму оној кој ја љуби да ја предаде за пари и да ѝ го украде нејзиниот најнов хит, што е уште во демо-фаза. Ја продава, значи љубовта за пари. И уште тука се насетува првиот квалитет на оваа млада раскажувачка – нејзината склоност кон трилер заплети. Станува збор за трилер на естрадата. Но, сте се излажале ако мислите дека Лозаноска останува само на брзиот, драматичен проток на настаните од детективско-трилерската нарација. Напротив: таа рамка служи само како екран на кој таа ги проектира размислувањата на својот симпатичен женски лик. На дело е, според тоа, психологизација на ликот. Од страница во страница, како со стенограма, ги следиме мислите на нејзината миленичка, на нејзиниот симпатичен женски лик. Нејзините ставови кон светот се крајно необични. Иако станува збор за славна и зрела личност, таа го перципира светот со свежината и невиноста на детето, и оттука и крајно необичните претстави за светот. Според таа свежина на детската перцепција, Сара потсетува на Малиот Принц: за неа светот на возрасните никако не може да биде сфатен како место за измама и прелага, па секогаш и зад лошото се открива некакво алиби кое злото ќе го претвори во нешто подносливо, бенигно, прифатливо. Ќе го припитоми злото, затоа што таа, Сара, не му дава место во својата душа.
Како да се биде среќен во еден таков свет? Како да се сочува сопствената морална неизвалканост, правото на среќа која доаѓа од малите, а не од големите нешта, со каков чадор да се заштити славното дете од шрапнелите на човековата лакомост и материјална ненаситност? И ќе дојде ли, по првото љубовно разочарување, во кое љубовникот покажал лице на мизерен предавник – вистинскиот, ѕвездоокиот, човекот со иста, детска ѕвезда на челото? Тоа се прашањата кои ги покренува интересното сиже на младата писателка. Романот има сказнолика структура, па во него се парафразираат (односно се наоѓаат корелати) за многу ликови од детскиот свет на сказните – Алиса, зајакот, девојчето со кибритчињата. Тоа уште повеќе го покажува расчекорот меѓу грдата стварност на возрасните (особено во суровиот свет на славата) и сказноликата душа на детето кое ете, станало славен човек поради своите способности, а не поради парите, врските и интервенциите од други славни личности.
Особено е интересна постапката „камера во мислите“. Има една визуелизација која како неспорен квалитет се покажува од секој пасус на романот во кој се предаваат перцепциите и размислувањата, емоциите и ставовите на главниот лик на романот. Тие перцепции се, како што кажав – необични, затоа што се невини и не се расипани со искуства, протоколи и договори од светот на возрасните. Така, дејството се движи лежерно – по секој настан, макар и најситен (ѕвонење на влезната врата), се даваат опширни потоци од размисли на главниот лик. Нема неважен детаљ, сè е сликовито прикажано и обоено во боите на емоциите. Таа „сочност“ ми се чини како најважен квалитет на ова интересно првенче. Има во него и стилски недоречености, неизедначеност на стилски регистри, доминација на монолог над дијалозите и обратно, но пред сè има – јасна, необична свест за гледната точка. Уметност која понудува општа, заедничка за сите гледна точка не е уметност – туку клиширано дело. Овде е обратно – делото е изворно, автентично, крајно субјективно, дури и кога раскажува за општи и добропознати места – неверство, предавство, измама. Сето тоа е свежо и одново, невино видено, па затоа романот се чита – во еден здив.
Сето тоа е доволно за да се каже: пред младата писателка се отвора еден зрак кој води кон македонското книжевно небо. Ќе треба самата да се искачи по него, како што прави и нејзината хероиња. Ако е така во книгата, зошто не би било и во стварноста, особено затоа што оваа книга учи дека ако нешто сакаш, и ако уште знаеш дека Бог ти дарил дарба да го достигнеш, тогаш навистина нема никаква пречка да дојдеш до него. Затоа, ќе чекаме. Првиот чекор е повеќе од успешен.
Венко Андоновски, писател, 2012
(рецензија која се наоѓа во романот Големото Л од Марија Лозаноска)